Често пати сте се прашувале која е разлика помеѓу уплатниците (вирманите) со кои треба да извршите определени плаќања, односно трансакции, во банка или пошта? Иако навидум слични, секоја од нив има своја намена во целокупниот платен промет во земјава.

За да може да се извршува пренос на паричните средства меѓу економските фактори во општеството (луѓе, претпријатија, државни и финансиски институции), потребно е да се употребат методи и инструменти преку кои се извршуваат истите тие плаќања. Таквите методи и инструменти се познати под името платен промет.

Носители на платниот промет се универзалните комерцијални банки, како и централната банка. Ова, во исто време претставува една од нивните основни економски функции. Со ефикасното извршување на платните трансакции, се обезбедува и непречено движење на економијата.

Платниот систем во Македонија се базира на три потсистеми за порамнување:

 

  1. МИПС
    Македонски интербанкарски платен систем на Народната банка преку кој се извршуваат меѓубанкарските плаќања на итни износи од над 1 милион денари. Секоја индивидуална трансакција се порамнува во реално време.
  2. КИБС
    Клириншки интербанкарски систем за извршување на плаќања на износи до 1 милион денари. Порамнувањето на налозите се врши на крајот на пресметковниот ден.
  3. Систем за интерни плаќања на банката
    Плаќања кои се извршуваат во момент на обработката на налогот за плаќање. Овде спаѓаат плаќањата помеѓу комитентите на банката, и претставува најбрз начин на реализација на налозите за плаќање.

 

Постојат пет платни инструменти кои се користат во платниот промет во Македонија, односно меѓу народот познати како „уплатници“ или „вирмани“. Со овие обрасци, може да се извршуваат трансакции направени во националната валута, односно во нашиот случај – денар.

Да погледнеме која е разликата помеѓу сите нив.

 

Уплатница (Образец ПП 10)

Овој образец претставува налог за готовински уплати во денари, односно кога едно лице директно дава парични средства за уплата на определена сметка. Преку уплатницата, банката прима паричен износ од физички или правни лица, кои таа треба потоа да ги уплати на сметка на примачот кој е наведен во самиот образец.

Уплатницата се користи за уплата на готовина на сопствена сметка, како и на туѓа сметка кога уплатува друго физичко лице. Лицето кое врши уплата, во уплатницата треба да го наведе називот на примачот, неговата банка, цел на дознака, сметка, како и износ кој треба да биде уплатен.

Најпрактични примери за употреба на уплатници се кога разни претпријатија вршат уплата на дневен промет како кеш, или пак кога физичко лице сака да уплати на некое претпријатие или организација за услуга која треба да ја добие од истата.

 

 

Налог за пренос (Образец ПП 30)

Разликата помеѓу ПП 30 и ПП 10 е во тоа што, со ПП 30, наместо готовинско, се врши безготовинско уплаќање на средства. Односно, уплатата се врши директно од една на друга трансакциска сметка.

Во вирманот, треба и самиот уплаќач да ја внесе својата трансакциска сметка. Ваквиот тип на плаќање може да се изведе помеѓу две сметки од било која банка.

Овој налог се користи и кога надлежен орган налага да се изврши пренос на средства од сметката на определен должник наспрема доверител, врз основ на решение за присилна наплата и налози за блокада на средства за безготовинско плаќање.

 

 

Налог за исплата на готовина (Образец ПП 40)

Овој налог се однесува при подигање на готовина од трансакциската сметка на правни и физички лица.

Ова се прави согласно со законските прописи за подигање на ефектива (тука спаѓаат исплата на плати, надомест за хранарина и превоз, материјални трошоци, и сл.).

 

 

Налог за јавни приходи (Образец ПП 50)

Користен е од страна на физичките и правни лица кога се плаќаат обврски по основ на јавни приходи. Тука најчесто спаѓаат даноците, како и други видови придонеси, царини, акцизи и слично.

Плаќањето може да се врши безготовински преку трансакциски сметки (физички и правни лица) или готовински (само кај физички лица, а во тој случај се допишуваат две ѕвездички ** во делот за „сметка“).

 

 

Збирен налог за исплата на цела плата (Образец ПП 53)

Преку образецот ПП 53 се извршува збирен налог за иплаќање на плата на товар на сметката на еден налогодавач, а во полза на повеќе примачи.

Овој инструмент се користи за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување, персонален данок и нето плата. Банката по електронски пат од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) ги добива потребните податоци.