Годишниот одмор е законско гарантирано право за работниците, но и клучен фактор за одржување на нивната продуктивност, како и менталното и физичко здравје. Како квалитетен работодавач, благосостојбата на Вашите вработени секогаш треба да Ви биде еден од врвните приоритети.

Сепак, многу вработени не се целосно информирани за своите права. Овој пост може да послужи како водич, како за работодавците, така и за вработените, за сите страни да можат подобро да разберат како функционира оваа законска регулатива.

Колку дена годишен одмор следуваат на работниците?

Сите вработени во Македонија подлежат на следните законски регулативи кога станува збор за нивниот годишен одмор:

  • Минимум 20 дена – Секој работник има право на најмалку 20 работни дена годишен одмор во текот на една календарска година (член 137 од Законот за работни односи);
  • Максимум 26 дена – Со колективен договор или договор за вработување, одморот може да биде продолжен до 26 дена;
  • За вработените со скратено работно време – Оние кои работат со скратено работно време имаат право на најмалку 10 работни дена годишен одмор;
  • Пропорционален одмор – Ако работникот не остварил 6 месеци непрекинат работен стаж, добива два дена годишен одмор за секој месец работа.

Дополнителни денови според одредени критериуми

Законодавството овозможува работниците да добијат дополнителни денови годишен одмор, во зависност од различни критериуми:

Работен стаж

  • За стаж од 1 до 10 години, следува дополнителен 1 ден одмор;
  • За стаж од 10 до 20 години стаж, следуваат дополнителни 2 дена одмор;
  • За стаж поголем од 20 години, следуваат дополнителни 2 дена одмор.

Сложеност на работата

  • За работа со сложеност од I до III степен, следува дополнителен 1 ден одмор;
  • За работа со сложеност од IV или V степен, следуваат дополнителни 2 дена одмор;
  • За работа со сложеност од VI или VIII степен, следуваат дополнителни 3 дена. одмор

Работно место со висок ризик

  • Дополнителни 1 до 3 дена одмор, во зависност од поединечни колективни договори во компанијата.

Социјални и здравствени околности

  • За работници со инвалидитет (телесно оштетување поголемо од 60%), следуваат дополнителни 3 дена одмор;
  • За работници кои се самохрани родители или старатели на дете до 15 години, следуваат дополнителни 3 дена одмор;
  • За работници кои се самохрани родители на дете со посебни потреби, следуваат дополнителни 4 дена одмор;
  • За работници над 57 години (жени) и над 59 години (мажи), следуваат дополнителни 3 дена одмор.

Со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач, можат да се утврдат и други критериуми со кои ќе се определува должината на траењето на годишниот одмор.

Како се користи годишниот одмор?

  • Одморот може да се користи во два дела – Првиот дел мора да трае најмалку 12 дена и да се искористи до крајот на годината. Вториот дел може да се искористи до 30 јуни наредната година.
  • Префрлување на годишен одмор – Ако работникот не го искористил одморот поради боледување, породилно отсуство или нега на дете, може да го искористи во следната година, но најдоцна до 30 јуни.
  • Работникот не може да се откаже од годишен одмор – Изјавата со која вработениот се откажува од одмор или од надомест за неискористен одмор е правно ништовна, односно не важи на суд.
  • Годишниот одмор се смета само за работните денови – Во деновите кои вработениот ги зема за годишен одмор се сметаат само деновите во кои вработениот работи според работниот распоред кај работодавачот.

Важни права кои треба да ги знаат и работодавачите и работниците

  • Работодавачот мора да издаде решение за годишен одмор на работникот – Со решението се утврдува колку дена има работникот за одмор и во кој временски период ќе го искористи истиот.
  • Работникот има право на најмалку еден ден одмор по сопствена определба – Работникот има право на еден ден од годишниот одмор кој сам ќе го определи, со обврска да го извести работодавачот најмалку три дена претходно.
  • Боледувањето не го продолжува годишниот одмор – Ако работникот започне боледување за време на одморот, нема право да го продолжи одморот по оздравувањето.
  • Неискористен годишен одмор не се исплаќа – Работодавачот е должен да му дозволи на работникот да го искористи одморот, но не може да бара финансиска компензација за неискористен одмор (освен при престанок на работниот однос).

Бидете информирани и транспарентни пред Вашите вработени

Како работодавач, овозможувањето праведен и транспарентен систем за користење на годишниот одмор не е само законска обврска, туку и дел од градењето на позитивна работна култура. 

Кога Вашите вработени се информирани за своите права и чувствуваат дека се почитувани, тоа директно влијае на нивната долгорочна мотивација и продуктивност во Вашата компанија. Јасната комуникација спречува недоразбирања и овозможува континуитет на работните процеси без негативни последици.

Не заборавајте, задоволните вработени се основата на секој успешен бизнис!

Доколку сакате консултација или информација околу законските регулативи за годишните одмори во македонските компании, сметководственото и консултативно биро Александар-АК е достапно постојано за Вас. Контактирајте нè веднаш!