Агенцијата за заштита на лични податоци го донесе новиот Закон за заштита на личните податоци, како и подзаконските прописи поврзани со оваа област. Со овие измени, се врши усогласување на македонската и европската регулатива.

Што е ново во законот?

Рокот за усогласување на работењето на контролорите и обработувачите на лични податоци започнува да важи од 24-ти август 2021, со што сите претпријатија кои вршат било каква обработка на лични податоци, мора да ги имплементираат новите измени во своето работење.

Притоа, под контролор се смета секое лице (физичко, правно, орган на државната власт, агенција или друго тело), кое самостојно или заедно со други лица ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци. Обработувач на збирка на лични податоци е лице (физичко, правно, орган на државната власт, агенција или друго тело) кое ги обработува личните податоци во име на контролорот.

Контролорот е должен да примени соодветни мерки дека се обработуваат само неопходните лични податоци. Во исто време може да биде и обработувач, или да ангажира обработувач во негово име.

Под контролори и обработувачи на податоци се мисли и на секое претпријатие кое врши било каква обработка на податоци.

Контролорот и обработувачот се должни да определат овластено лице за заштита на личните податоци, односно офицер, кој е вклучен во сите прашања околу заштитата на податоците.

Офицерот не смее да биде управител на фирмата, и мора да биде лице со високо образование. Оваа функција може да ја врши и надворешно лице.

За да се назначи офицер, треба да се пополни „Решение за определување на офицер за заштита на личните податоци“. Меѓу другите, обврски на офицерот се:

-информирање на контролорот/обработувачот, како и вработените кои вршат обработка за нивните обврски
-следење на усогласеноста на законот, со други закони кои се однесуваат на оваа област
-изработување на интерните акти за заштита на личните податоци

Со новиот закон, обработката на личните податоци ќе има определени ограничувања, од типот на: цели на обработката, законски рок во кои може да се искористат податоците, мерки за корегирање или бришење на податоци, како и соодветна заштита од неовластена или незаконска обработка.

Овој закон овозможува заштита на податоците на секое физичко лице, со гарантирана заштита без никаква дискриминација на неговите лични карактеристики.

Што треба задолжително да се направи?

Секој обработувач на лични податоци мора да се регистрира на Агенцијата за заштита на личните податоци во делот „Евиденција на збирки со висок ризик“.

По кликање на копчето „Најава“ и „Регистрирајте се овде“, ги пополнувате сите потребни полиња и ги потрдувате податоците.

Потоа, ќе добиете имејл порака за конфирмација, по што се најавувате на страната на Агенцијата. Оттука, ќе треба да се испечати Конфирмациското писмо од сајтот, и истото да се потпише и завери со печат. Заедно со Решението за назначување на офицер, треба да се достават до бул. Гоце Делчев бр. 18, 1000 Скопје, или info@privacy.mk.

DLZP

Прочитајте го детално новиот Закон за заштита на лични податоци.

Потребна Ви е помош?

Дали Ви требаат професионални консултации и помош за своите клиенти во однос на имплементација на новиот Закон за заштита на лични податоци? Сметководственото биро Александар-АК стои на располагање за Вас!