Данокот претставува јавен приход за извршување на државни потреби, односно парични средства кои државата ги наплаќа од физичките и правните лица. Даноците се примарен извор за финансирање на македонскиот буџет.

Со помош на приходите кои државата ги добива преку даноците, се задоволуваат општите и заеднички потреби на населението. Над 80% од целокупниот македонски буџет е базиран на наплата на даноци.

Македонската економија функционира на база на фискален систем, воведен во текот на 1990-тите години, и под кој се подразбира системот на јавни расходи во земјава. Институција која е одговорна за контрола на даноците на сите даночни обврзници во Македонија е Управата за јавни приходи (УЈП), креирана во 1994-та година со првата реформа на македонскиот даночен систем.

 

Кои се основни елементи на даночниот систем?

Постојат четири основни елементи на секој даночен систем:

  • Предмет на оданочување – приходите, потрошувачката и имотот
  • Даночен обврзник – носител на обврската за плаќање на данок, односно физички или правни субјекти кои остваруваат дејност
  • Даночна основа – износ на предметот на оданочување (добивка за правни лица, или пак персонален доход за физички лица) врз кој се пресметува данок
  • Даночна стапка – процент што треба да се плати во вид на данок на утврдена даночна основа

Даноците можат да бидат пропорционални (иста даночна стапка независно од големината на приходот или прометот), или пак прогресивни (примена на стапки кои растат со зголемување на приходот или прометот).

Според предметот на оданочување, даноците се делат на:

 

  • Даноци на доход
  • Даноци на потрошувачка
  • Даноци на имот

 

Даноци на доход

Даноците на доход претставуваат директни даноци кои се плаќаат при добивање на материјална корист на физичките и правните лица. Главни примери за вакви даноци се данокот на личен доход за физички лица, како и данокот на добивка за правни лица.

 

1. Од аспект на физички лица, данокот на личен доход се пресметува како годишен збир на сите приходи кои ги добива лицето од различни извори (работа, самостојна дејност, авторски и сродни права, капитал, капитални добивки, осигурување, како и друг доход).

Под данок на личен доход спаѓаат и доходите кои лицата ги добиваат со подигнување на добивката од компанијата, на која откако ќе се плати данокот од добивка, на официјалната добивка (која претставува приход на лице) се плаќа персонален данок од 11,11%.

Данокот на личен доход е пропорционален и изнесува 10%. Обврзници на овој данок се и трговците поединци (ТП), физички лица кои се занимаваат со услуги (на пр. адвокати), земјоделска или занаетчиска дејност, како и други.

Даночна основа на овој данок е збир на бруто-доход остварен во една календарска година, намален за придонесите за социјално осигурување, даночно намалување, како и нормирани трошоци предвидени со закон.

 

2. Што се однесува до правните лица, односно претпријатијата, данокот на добивка се однесува на остварена добивка во една, финансиска година кај трговски друштва кои имаат статус на правно лице (ДООЕЛ, ДОО), како и остваруваат приходи поголеми од 3.000.000 денари.

Лица кои подлежат на данок на добивка се правните лица резиденти на Македонија кои остваруваат доход, како и странски лица кои остваруваат добивка од дејноста која ја извршуваат на територијата на земјата.

Предметот на оданочување е профитот (добивката), односно разликата помеѓу приходите и расходите кои се определуваат сметководствено во текот на една финансиска година.

Добивката која се распределува како дивиденда, не се оданочува повеќекратно. Нашиот метод предвидува оданочување на крајот од ланецот, односно кај последниот даночен обврзник кој што распределбата на добивката ќе ја извршува кон акционерите (физички лица) и кон нерезидентни правни субјекти кои се сопственици на капиталот.

Непрофитните организации не се даночни обврзници за овој вид на данок, освен ако не оствариле приходи од вршење стопанска дејност поголем од 1.000.000 денари. Во тој случај, тие се оданочуваат во висина од 1% од остварениот вкупен приход.

Стапката на данокот на добивка изнесува 10%.

Прочитајте повеќе за пресметката на данокот на добивка.

 

Даноци на потрошувачка

Овие се индиректни даноци кои ги плаќа крајниот потрошувач. Под нив спаѓаат: данокот на додадена вредност (ДДВ), акцизите и царините.

Данокот на додадена вредност (ДДВ) се наплаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор. Со истиот се оданочува прометот на добра и услуги од страна на даночниот обрзник во државата во која е резидент.

Даночни обврзници на ДДВ се сите лица кои вршат стопанска дејност на територијата на Македонија, а кои остваруваат вкупен промет од над 2.000.000 денари во текот на една календарска година. Даночните обврзници со помал промет имаат можност доброволно да се регистрираат како обврзници на ДДВ, а доколку тоа не го направат, се оданочуваат како финални потрошувачи. 

Општата даночна стапка на ДДВ изнесува 18%, додека постои и повластена стапка од 5%. Ваква повластена даночна стапка имаат: производите за исхрана, водата од јавните системи, публикации, материјал за производство на земјоделски растенија, лекови, како и слични производи.

Со цел да се стимулираат домашните компании и истите да станат поконкурентни на странските пазари, државата воведува олеснување, дозволувајќи им на истите (во одредени гранки) да бидат ослободени од ДДВ, односно да можат да фактурираат без ДДВ. 

Даночна основа е износ на надоместокот што е добиен за прометот, без ДДВ од тој надоместок.

Во случајот на ДДВ, крајниот корисник го плаќа при извршување на трансакција, додека претпријатието кај која е извршена трансакцијата има обврска да го подмири данокот кон државата.

Временскиот период за плаќање на ДДВ е на 3 месеци доколку приходите на претпријатието се помали од 25.000.000 денари годишно, или на месечно ниво доколку претпријатието отстварува приходи поголеми од 25.000.000 годишно, (во зависност од остварениот промет во претходната година или претпоставениот промет на почетокот на вршењето на дејноста).

Даночниот обврзник го пресметува ДДВ и за секој даночен период поднесува даночна пријава (до 25 дена од истекот на даночниот период).

 

Даноци на имот

Претставуваат годишен данок кој се плаќа на недвижен имот и важи за физички и правни лица. Даночната основа се пресметува како пазарната вредност на недвижниот имот која ја проценува општинска комисија согласно со Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Стапката за данокот на имот е пропорционална и се движи од 0,10% до 0,20%, според проценка од општинската комисија.

Покрај данок на имот, постојат и данок на промет на недвижности (пренос на сопственост на недвижен имот на друго лице – стапката се движи од 2% до 4%), како и данок на наследство и подарок (користење на недвижен имот добиен како наследство или подарок – стапката се движи од 2% до 5%).